Posted 03.02.2010 13:42:11 UTC
Updated 03.02.2010 14:02:26 UTC
Со своите богатства како што се културата, кулинарството, природата и верскиот туризам, Газиантеп секоја година се посетува од страна на голем број туристи.
Античкиот град Зеугма кој се наоѓа на брегот на браната Биреџик во населеното место Низип кај Газиантеп, е формиран во 3000-та година пред новата ера од страна на еден од генералите на Александар Велики и тоа по името Силифке на Еуфрат. Градот Зеугма бил колевка на значајни архитектонски активности и станал доста богат град особено откако потпаднал под римско владеење. Со овој период се совпаѓа и изградбата на вили на падините со панорама на Еуфрат.
Со своите 80 илјади жители со кои располагаше градот Зеугма стана еден од најголемите градови на светот. Но единствената причина за ова негово значење не беше само населението; Зеугма се наоѓаше на трговските патишта и со оваа негова карактеристика беше во положба на град мост; Затоа и му беше дадено името Зеугма што значи мост.
Археолошкиот музеј Зеугма кој се наоѓа веднаш до Археолошкиот музеј на Газиантеп е отворен во 2005 година. Во овој најголем музеј на мозаик во Турција и втор по големина во светот се изложуваат пронајдените предмети од археолошките ископувања кои беа водени за спасување на античкиот град Зеугма во 2000 година.
Во музејот чиј вкупен изложбен простор изнесува 3.500 квадратни метри се изложуваат дела од Зеугма составени од 500 квадратни метри мозаик, 120 квадратни метри фрески и статуи.
Античкиот град на музејот му ја подари и најголемата колекција на печати во светот.
Градот Газиантеп кој бил населен дури и во предисторискиот период, постојано ја зачувал својата карактеристика на културен и трговски центар. Во поблиската историја постигна големи трговски и индустриски остварувања. Значење добија особено туристичките инвестирања.
Со отворањето на Археолошкиот музеј значењето на Газиантеп се зголеми уште повеќе и денес се вреднува со кулинарството, фистакот, ќебапот, архитектурата, музеите и рачните уметности и тоа во целина. Со тоа градот врши услуга во сите гранки на туризмот.
Тврдината на градот Газиантеп е едниот од најубавите примери на тврдини кои што успеале да се одржат во Турција. Нема точни податоци за тоа кога и од чија страна била изградена оваа тврдина. Постојат податоци дека била изградена во римскиот период како кула за набљудување, а потоа со текот на времето била проширена и денешниот облик и големина ги добила во времето на Византискиот император Јустинијан, во 6-от век од новата ера. Над тврдината има остатоци од амами, резервоари за вода, месџиди и други градби. Кога ќе се погледне кон историскиот развој на Газиантеп од минатото до денес, ќе се забележи дека располага со коренито и богато наследство. Градби од градски карактер се куќите, џамиите, ановите и амамите. Во оформувањето на функциите на овие градби биле влијателни климата во подрачјето, топографските карактеристики, растителната покривка и социјалниот живот. Поради тоа што летата се многу жешки, во архитектурата преовладува методот на изградба на широки дворови, односно авлии. Бидејќи поголемиот дел од времето поминува во тие дворови, односно авлии, овие простори се нарекуваат и „хајат“, што значи живот.
Куќите во Газиантеп се со високи ѕидови и во значителна мера се одделени од надвор. Деловите од куќите кои што се издолжуваат кон надвор и со поглед кон улицата, се нарекуваат палата. Овие видови градби кои што однадвор се покриени со метал се нарекуваат куќа со палата.
Во Газиантеп кој се наоѓа на маршрутата на историскиот пат на свилата има голем број анови и кервансараји од тој период. Позначајни од нив се анот Туз, Шире, Тутун, Хишва, Меџидије. Емир Али и Миллет.
Напролет и во лето кога е многу жешко во Газиантеп, далеку од жешкото во градот и од вревата, се организираат прошетки до излетничкото место Сахре, каде што се приредуваат веселби, забави, се јаде и се пие. Се оди во вили надвор од градот и на излетнички места.
Оригинални предмети за подарок кои што можат да се купат од Газиантеп се бакарни садови со различни украси, златен и сребрен накит, традиционални кондури наречени јемени чиј горен дел е од црвена или црна кожа, како и рачен вез што се изработува на бело платно и со бел, жолт и кафеав конец.
Овде ја завршуваме нашата прошетка по градот Газиантеп кој е познат и како бисер на југоисточно-анадолската област. Во идното продолжение од оваа наша програмска содржина ќе ве запознаеме со едно друго рајско катче на нашата прекрасна земја Турција.