Posted 20.01.2010 08:45:53 UTC
Updated 20.01.2010 14:47:37 UTC
Министерот без ресор и главен преговарач на земјава со ЕУ Егемен Багиш истакна дека најзначајната димензија на процесот на Турција на патот кон ЕУ не претставува отворањето на голем број поглавја, туку отворањето на свеста и рече: „Го реализираме процесот на отворање на свеста како во Турција, така и во Европа.“ Егемен Багиш говореше на отворањето на Информативниот центар на ЕУ во Истанбул кој беше формиран во седиштето на Истанбулската трговска комора во квартот Еминону, а во рамките на потпишаниот протокол помеѓу Истанбулската трговска комора и делегацијата на ЕУ за Турција. Истакнувајќи дека во Истанбул кој е најзападниот град на истокот и најисточниот град на западот се обединуваат Европа и Азија, а воедно и дека тој е точката каде што се соединуваат континентите, цивилизациите, религиите, енергетските извори и различните сфаќања за животот, Багиш го изнесе следниот став: „Токму поради тоа јас не можам да ја замислам ЕУ без Турција и не верувам дека Европејците би биле среќни без Истанбул.“
Потсетувајќи дека Шпанија е новиот привремен претседавач со ЕУ, Егемен Багиш рече дека Турција очекува многу од претседателствувањето на Шпанија, пред се како земја која располагаше со слични искуства во процесот за членство во ЕУ. Багиш нагласи дека премиерите на Турција и на Шпанија воедно се и копретседатели на иницијативата Сојуз на цивилизациите и подвлече дека ќе се водат напори за отворање на колку што е можно повеќе поглавја за време на привременото претседателствување на Шпанија.
Велејќи дека во некои земји членки на ЕУ има политичари со ограничена визија кои се против Турција, министерот Егемен Багиш рече дека треба да се скрши овој нивен отпор. „Турција е земја во која просечната возраст изнесува 28 години, располага со младо, динамично и едуцирано 72 милионско население и е точка на пресекување на енергетските извори, како и центар на мирот и дијалогот. Тие средини се противат на влезот на Турција, бидејќи се загрижени дека дента кога Турција ќе стане членка на ЕУ за нив ќе значи ден кога Турција ќе може да ги престигне во некои сфери. Но ние немаме намера да се откажеме од нашите цели, поради овој нивен отпор.“ - истакна Егемен Багиш.
Велејќи дека се изменети и одлучувачките механизми во ЕУ, Багиш рече: „Турција и ЕУ на крајот сигурно ќе ја остварат таа голема средба.“
Министерот Егемен Багиш истакна дека процесот на пристапување на земјава кон Унијата постепено ја зајакнува и демократијата во неа, укажа на значењето од информирање на граѓаните на патот на овој процес и рече дека Турција треба да биде силна во ЕУ, а за да се биде силен потцрта дека треба да се располага со знаење. Појаснувајќи дека ќе бидат отворени вратите на ЕУ за деловниот свет, Багиш истакна дека инвестирањето, вработувањето и компаниите се гаранција на демократијата и дека со зајакнување на економијата ќе зајакне демократијата, а со зајакнување на демократијата ЕУ веќе нема да претставува сон и ќе стане цел која ќе може да се оствари. Багиш потсети дека во тој контекст беше отворен Информативниот центар на Истанбулската трговска комора, кој ќе стане голем повод за преминување на границите на ЕУ и ќе стане мошне значаен чекор за отворање на вратите на Европа за деловниот свет.
Претседателот на делегацијата на Европската комисија за Турција амбасадорот Марк Пиерини пак, истакна дека благодарение на Информативниот центар, освен до бизнисмените ќе се има пристап и до граѓаните на Истанбул и рече дека сличен центар ќе биде отворен и во Анкара. Пиерини додаде дека центарот ќе преземе значајна улога и од аспект на запознавањето на граѓаните со процесот на пристапување кон ЕУ.
Нагласувајќи дека информирањето на граѓаните за ЕУ претставува главен проблем и во самата Унија, Пиерини рече: „Процесот на ЕУ е технички процес со различни потешкотии. Не само заТурција, не е лесно да се информираат и граѓаните на 27-те земји членки на Унијата. Затоа отвораме информативни центри и приредуваме конференции.“ Потсетувајќи дека се отворени една третина од поглавјата во преговарачкиот процес на Турција со ЕУ, Пиерини појасни дека со секоја земја најпрвин беа отворени лесните поглавја , а потоа беше продолжено со потешките.
Претседателот на делегацијата на Европската комисија за Турција амбасадорот Марк Пиерини истакна дека Турција е во фаза на преговори за тешки прашања, како што се синдикалните права, тендерите, конкуренцијата, безбедноста на храната, социјалните политики, образованието, културата и енергетиката.
Претседателот на Истанбулската трговска комора Мурат Јалчинташ пак, потсети дека Турција го започна преговарачкиот процес со ЕУ со одлука на сите 27 земји членки и рече: „Овој процес напредува крајно бавно. За тоа постојат причини кои произлегуваат и од Турција и од ЕУ. Меѓутоа, ние како претставници на деловниот свет велиме дека овој процес во основа е технички.
Во меѓувреме, новиот еврокомесар за проширување и политика на европско соседство Стефан Фуле истакна дека не ги зема во предвид барањата на германските партии за христијанска унија и христијанска социјална унија кои предлагаат Турција да добие повластено партнерство и дека тоа не е на дневен ред на ЕУ. Фуле во изјавата за германскиот печат воедно истакна дека согласно 49-от член на Лисабонскиот договор, секоја држава во Европа има право да аплицира за полноправно членство во ЕУ и дека во тие рамки тој лично е на страната на продолжување на започнатите преговори со Турција.